Во празничниот викенд полицијата во Охрид имаше полни раце работа. Непосредно пред најавениот настап на СРЦ „Билјанини извори“, службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид од слобода го лишиле познатиот српски рапер Стефан Ѓуриќ – Раста (36).
При извршен преглед, полициските службеници кај него пронајдоа и одзедоа опојна дрога Марихуана. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Во друг случај на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид од слобода лишиле 37-годишен жител на Валандово.
Тој управувал возило со 1,83 промили алкохол во крвта. Веднаш е исклучен од сообраќај и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од КЗ „безобѕирно управување моторно возило“, соопшти Димоски.
Ноќеска во 02:37 часот, на улицата „Гоце Делчев“ во Охрид, неколку лица физички нападнале 19-годишен штипјанец.
Се преземаат мерки за целосно расветлување на настанот, по што против напаѓачите ќе биде поднесена соодветна пријава.
Исто така ноќеска, во 02:07 часот, во СВР Охрид е пријавено дека на кеј „Македонија“ во Охрид нарушен е јавниот ред и мир со тепачка помеѓу 4 лица од Скопје.
По целосно расветлување на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во 3:30 часот, на кеј „Македонија“ во Охрид, приведен бил 19-годишен жител на Скопје.
Кај него полициските службеници пронајдоа и одзедоа марихуана. Против него, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Г.М.