ОВР Струга поднесе кривична пријава против две лица на возраст од 83 и 45 години, двајцата од струшкото село Корошишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“.

Во текот на оваа година пријавените неовластено го прекинале доводниот кабел кој водел до електричното броило и противправно, поврзале бакарни жици со кои се премостувало електричното броило, со што го оневозможиле да ја мери потрошената електрична енергија. Со тоа, пријавените на ЕВН Македонија, подружница КЕЦ Струга и направиле штета од 1.377.911 денари, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

 

Синоќа во 20:45 часот во СВР Охрид било пријавено дека едно лице со остар предмет нападнал 42-годишен жител на охридското село Велгошти.

По целосно расчистување на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти Димоски.

Исто така синоќа, во 22:30 часот, во ОВР Кичево е пријавено дека 30-годишен жител на кичевското село Зајас, на магистралниот пат Гостивар-Кичево управувајќи патнички автомобил „БМВ“ со кичевски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од патот.

Кај него не биле констатирани повреди, а по извршениот увид ОВР Кичево ќе поднесе соодветен поднесок, додава Димоски.

OhridNews