Ситуацијата на Блискиот Исток и последиците врз цените на нафтата, беше главната тема на денешниот состанок на Бордот на регулатори на Енергетска заедница, а претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски за МИА од Атина вели дека не е исклучен „ефект кон цените на нафтените деривати“.

Новите геостратешки случувања на Блискиот Исток потврдуваат дека нема предвидливост ниту пак извесност кога цените на енергенсите се во прашања. Очекувавме дека ова ќе биде конечно мирен енергетски регулаторен состанок, но едно е сигурно дека „вонредната состојба” е ново нормално за сите енергенси. Очекуван е ефект кон цените на нафтените деривати сега по случувањата со Иран и Израел. Разговаравме и за тоа каква е положбата на земјите од кои доаѓаат регулаторите во Енергетската Заедница. Сите сме увозно зависни земји на нафта, освен Србија што има мал обем на производство. Освен во секојдневното живеење, овој енергенс е тесно врзан и со стопанството и економијата воопшто како составен дел од функционирањето, вели Бислимоски за МИА.

Дополнително истакнува дека внимателно и во согласност со одлуките од ОПЕК и насоките од големите земји произведувачи на нафта ќе се преземаат чекори за да се амортизира евентуален ценовен удар.

Паралелно сите се соочуваме со сајбер напади на енергетската критична инфраструктура. Потребно е да се зајакне овој сегмент, затоа што последиците можат да го „узрпираат” функционирањето на електроенергетскиот систем, додава претседателот на РЕК.

На денешниот состанок Бордот на регулатори на Енергетска заедница ќе одбере нов претседател на Бордот, со оглед на тоа дека Бислимоски во декември го заврши вториот мандат.

OhridNews