Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Алекс Фергусон, по повод
26-годишнината откако седна на клупата на „црвените ѓаволи“ ќе добие
биста која ќе биде поставена пред стадионот „Олд Трафорд“.

Бистата, свечено ќе биде откриена на 23. ноември, ден пред дуелот на
Манчестер Јунајтед и Квинс Парк Ренџерс, екипа против која 70-годишниот
Шкотланѓанец дебитираше во англиското првенство како менаџер на
Јунајтед, на 22. ноември 1986 година. За 26 години работа во екипата од „Олд Трафорд“ Сер Алекс стана
најуспешниот менаџер во Премиерлигата, тој го предводеше тимот до 12
титули во Премиерлигата, две во Лигата на шампиони, пет во ФА купот и
четири во Лига купот.

Пред да стигне во Манчестер, Фергусон беше тренер на Абердин, екипа со
која во 1983 година го освои тогашниот Куп на победниците на куповите.
Бистата на Алекс Фергусон ќе биде поставена во близина на северната
трибина, која од лани го носи неговото име.

“Макфакс“