Кризата со прехрамбени производи е криза во цела Европа, вклучително и на снабдувањето на сончогледовото масло за јадење, кое е проблематично на целиот континент, но државата презема мерки со цел граѓаните да не се соочат со недостаток на овој основен прехрамбен продукт. Ова денеска во Охрид го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, по посетата на компанијата „Костал Македонија“.

Затоа Владата вчера донесе мерка со која што ги отстрануваме сите увозни давачки за сончогледово масло за јадењ да не се случи нашите граѓани да останат без масло за јадење во периодот кога немаме нова жетва на сончоглед која ќе дојде на крај од летото, кога се очекува да има доволно количини на суровина и да се стабилизира производството на масло.  –  истакна Битиќи.

Вицепремиерот рече дека секојдневно се комуникацира со трите компании кои произведуваат масло за јадење во земјата. Нивните залихи се доволни за месец до месец и половина, а со новата мерка ќе се овозможи да се преброди кризниот период кој претстои додека се најдат алтернативни извори на суровини кои што заради кризата во Украина и Русија, за жал, ги снема.

Правиме се што е во наша моќ да го обезбедиме производот. Ги отстранивме царинските давачки и квоти за да овозможиме набавка од земји каде што до вчера имало висока царинска тарифа и затоа не се набавувало. Ние имаме одредени земји од кои увозот на суровини за масло за јадење е над 20 проценти и нормално никој нема да донесе масло со цена повисока од 20 проценти заради царинската тарифа. Имало квоти тие се исполнети и затоа сега ги отстрануваме за да се озвозможи увоз. Ние сме мала земја и количините кои ни се потребни се помали и ќе се обезбедат. – рече Битиќи.

Одговарајќи на новинарски прашања вицепремиерот рече дека не очекува значително големи ценовни шокови во однос на цената на маслото за јадење, но оти се можни мали промени, но во нијанси.

Моите очекувања се дека не би требало да претрпат значително големи шокови. Мали нијанси на зголемување може да се очекуваат затоа што сепак тоа се производи кои не се произведуваат кај нас и доаѓаат со одредена цена однадвор. Таму малку можеме да придонесеме како Влада, рече Битиќи. 

Запрашан за зголемувањето на референтната каматна стапка, Битиќи истакна дека одлуката на Народната банка не би требало да влијае врз зголемувањето на банкарските камати.

Сметам дека зголемувањето е толку мало и не би требало да има зголемување на банкарските камати. Само за потсетување, ќе кажам дека во изминатите две години откако сме во криза, каматите се намалени од Народна банка за скоро еден процентен поен. Мислам дека во банкарските камати немаше таква реакција да се зголемат на повеќе од еден процентен поен и моето очекување е дека нема да има во ниту еден момент зголемување на банкарските камати, истакна вицепремиерот Битиќи.

Г.М.