Долни сарај

2021-07-16 21:00 - 2021-07-16 22:30

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва од 21 часот на сцената „Долни Сарај“ со театарската претстава „History of Мother Fuckers“ според „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Андраш Урбан, а во изведба на Народниот театар од Битола.

Улогите во претставата ги играат Николче Пројчевски, Борче Ѓаковски, Иван Јерчиќ, Соња Михајлова, Сандра Грибовска и Викторија Степановска. Драматург е Ведрана Божиновиќ, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Благоја Мицевски, а автор на музиката е Ирена Поповиќ.

Според режисерот Урбан претставата не е политика. Претставата се занимава со човекот и неговата заедница.

Претставата е борба. Хумана борба. Никој не го сака Кориолан. Ниту Шекспировата трагедија, ниту неговиот лик. А тој е вистинит и искрен. Потајно сите се согласуваме со сè што кажува. Но, едно е јасно. Тој не е ние. Тој ни кажува што ние не смееме за себе. Да е дипломат, да умее и да сака да ја користи слатката, нежна лага која е предуслов за демократско општество, ние не би ни зборувале за него. Лагата не е слатка, ниту нежна. Крвава е и безмилосна. Додека пак вистината и искреноста сепак се предуслови за вистинска уметност. Дури и кога лажеме минуваме низ пеколот на искреноста за уметничкиот акт да постане стварност. Барем за онаа уметност за која вреди да се зборува, вели режисерот Урбан.

Андраш Урбан е роден 1970 и е театарски режисер. На седумнаесетгодишна возраст ја основал независно театарската и книжевна работилница во која работел како автор, режисер и актер. Потоа ја формирал театарската група Ајова, која го третира театарот како специфична, а сепак сѐуметничка идеолошка акција. Од 2006 година е директор на унгарскиот градски театар „Деже Костолањи“ во Суботица. Тој е основач на меѓународниот театарски фестивал Desire Central Station. Режирал околу четириесет професионални претстави во Суботица, Ниш, Нови Сад, Белград, Сегедин, Битола, Љубљана, Берлин, Клуж, Варна, Марибор, Риека…. Неговите режии и претстави се наградени на бројни меѓународни фестивали во Србија, Хрватска, Унгарија и др.

Претставата „ History of Мother Fuckers“ што ќе трае час и половина не се препорачува за лица помлади од 18 години.

OhridNews