На Глобалниот инвестициски самит што се одржува во Охрид, бизнис дијаспората ќе предложи конктретни активности и економски мерки, кои треба да придонесат кон зголемување на инвестициите на нашите иселеници во Македонија.


Покрај фондот за реализација на инвестиции, кој ќе биде наскоро оформен од асоцијацијата „Македонија 2025“ и СЕАФ, успешни бизнисмени од дијаспората кои веќе имаат отворено бизнис во Македонија, ќе ги охрабруваат нашинците низ светот да инвестираат во земјава.

-Слоганот на конференцијата е „Откривање можности“, и мислам дека токму тоа се случува на самитот во  во Охрид. Денеска конкретно сме во акција и им презентираме на нашите бизнисмени од светот како можат да се искористат економските можниости кои ги нуди Македонија, изјави  Емил Христов од асоцијацијата „Македонија 2025“, инаку млад бизнисмен од САД, чија компанија за консалтинг услуги има отворено канцеларија во Скопје.


Оптимизам владее и кај домашните стопанственици. Живко Мукаетов од Алкалоид, изрази задоволство од присуството на самитот и квалитетот на дискусиите кои се водат на панелите.

-Идејата е одлична, дефинитивно во Охрид градиме мостови меѓу бизнисот тука и нашата дијаспора надвор, претставници на владата се присутни тука цело време, што значи една синергија и координации меѓу сите сегменти во општеството, кои се заинтересирани за подобра македонска економија, рече Мукаетов. Според него овој самит треба да прерасне во традиција, што ќе им овозможи на бизнисмените во рамки на своите можности да придонесат за развојот на македонската економија.


На Глобалниот инвестициски самит во Охрид, учествуваат околу 350 бизнисмени од дијаспората и земјава, експерти, претставници на познати светски компании, на меѓународни финансиски институции и дипломати.

Г. Момироски