Според податоците на Државниот завод за статистика, цените на мало и трошоците на животот во јули 2012 година, во однос на претходниот месец, бележат незначително намалување од 0,9 отсто.
Намалувањето на трошоците на животот од 0.9% е резултат на пониските индекси на зеленчукот за 15.8%, јајцата за 3.5%, овошјето за 3.1%, алкохолните пијалаци за 0.5%, преработениот зеленчук за 0.4%, преработките од риба, млечните производи и безалкохолните пијалаци за 0.3%.
Во јули, намалување на индексите на трошоците на животот е забележанo и кај течните горива и гасот за 6.3% и нафтените деривати за 5.1%.
Пораст на индексот на трошоците на животот во јули 2012 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и киселото млеко за 0.4%, преработките од месо и рибата за 0.2%.
Исто така, пораст на индексот на трошоците на животот е забележан и кај превозот на патници со авион за 1.7%, лековите за 0.9%, туристичките аранжмани за 0.7%, предметите за домаќинството за 0.4% и средствата за образование за 0.3%.
Цените на мало во јули 2012 година, во споредба со јули 2011 година, бележи пораст од 1.8%, а трошоците на животот бележат пораст од 2.3%.