Најуспешниот селектор во македонската репрезентативна историја, Благоја Милевски повторно ќе ја преземе палката во младинската селекција. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ваква одлука донесе на денешниот Управен одбор.
- Ми беше важно отворено да разговараме со в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини околу репрезентативните теми и му благодарам за разбирањето и довербата која заедно со Управниот одбор ми ја укажуваат. Се радувам на новите предизвици и можноста повторно да соработуваме, останува да се договорат одредени детали за официјализирање на соработката во однос на договорот. Свесен сум за ситуацијата која е пред нас, но не се плашиме, верувам во репрезентацијата, во момците и ќе бидеме подготвени за новите предизвици. Веројатно ова е една од најтешките задачи во мојата кариера, но тука сум, повик од националната репрезентација не се одбива. Квалитет постои, знам дека можеме да успееме и не би прифатил ангажман доколку не верувам во момците и во својата работа. Се надевам дека може да направиме резултат. – изјави Милевски.
Со Милевски кој подоцна го доби надимакот „Сер Боби“, У21 репрезентација обезбеди учество на Европското првенство кое се одржа во Полска. Задоволството од враќањето на Милевски не го криеше в.д. претседателот Сејдини. – Беше убаво да се потсетиме со Боби за сите прекрасни моменти во текот на неговата работа со репрезентацијата до 21 година, а пласманот на ЕП во Полска е доказ дека сите луѓе кои беа вклучени во таа приказна одлично ја завршија својата работа. Драго ми е што отворено разговаравме и за тоа што може да биде подобро во иднина и заеднички одиме во нови победи. Му посакувам многу успех, а верувам дека и среќата ќе биде на наша страна во следниот квалификациски циклус. Ние како федерација ќе овозможиме најдобри услови за работа и подготовка на тимот.
Управниот одбор на денешната седница донесе одлука за спогодбено раскинување на договорот со Добринко Илиевски на местото селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година.
OhridNews