Спасиќ и Димитриќ, колешки од работа и пријателки, на кобниот ден се наоѓале на друг брод кој пловел во близина на „Илинден“. Набргу по несреќата пристигнале на местото на потонувањето и веднаш без размислување се приклучиле во акцијата за спасување.
– Во првиот момент мислевме дека тоа се пливачи, но потоа приметивме дека тоа се давеници. Имаше веќе многу настрадани, им пружавме помош на бродот на кој бевме.Тоа се моменти во кои веднаш се вклучувате во спасувањето, без да размислувате и било што да очекувате. Често се сеќавам на тие моменти. Со Жаклина сме во постојан контакт и ми стана пријател за цел живот и поради тоа што се случуваше тој ден, но и поради она што следеше, бидејќи многумина не прашуваа што се случувало. Но, тоа е нешто што го носиме во себе и тешко дека ќе го споделиме со другите, со многу емоции раскажува д- р Димитриќ која за прв пат го посетува Охрид по 2009.
Двете лекарки од страна на градоначалникот Александар Петрески добија благодарници за покажаната хуманост и придонес во спасувањето на патниците од „Илинден“.
– Убеден сум дека цел живот ќе го паметат настанот кога ризикувајќи го сопствениот живот се обидоа да спасат други животи. На овој начин им искажуваме благодарност, но и дека не ги заборавивме и посакуваме да бидат со нас и понатаму, да го посетуваат Охрид и да продолжи пријателството меѓу охриѓани и српските гости кои традиционално го посетуваат градот, рече градоначалникот Петрески.
Утре се одбележуваат три години од бродската несреќа што се случи во водите на Охридско Езеро на 5- ти септември 2009 година, на околу 200 метри од брегот во близина на плажата Елешец, во која загинаа 15 бугарски туристи.
По тој повод, утре, во организација на Здружението на граѓани “5 Септември”-Охрид ќе се оддржат неколку пригодни настани. Кај спомен паркот на загинатите на градскиот кеј, ќе се изврши полагање на свежо цвеќе, по што во ресторанот “Далга” ќе се одржи помен за трагично загинатите.












