Охридските ракометари чекорат по зацртаниот план сезонава, откако лесно и убедливо го освоија првото место во четвртфиналната рунда кое води во завршницата од Купот на Македонија. „Гладијаторите“ на турнирот во Охрид го совладаа Металург 2 (28-23) во полуфиналето и Струга во финалето со 32-25.


– Годинава имавме по лесни противници за разлика од минатата година кога вистина се измачивме да стигниме до завршниот турнир во Купот на Македонија. На четвртфиналниот турнир го задржавме континуитетот и го потврдивме квалитетот кој беше далеку на наша страна. Пласманот на Ф4 за нас ќе делува мотивирачки, бидејќи допрва не очекуваат натпреварите од исклучително значење во плејофот од Супер лигата. За противникот и завршниот турнир рано е да се размислува и зборува, сега сите се насочуваме кон мечевите против Пелистер и Еурофарм Работник во Битола. – изјави Благојче Трајкоски кој во финалето од четвртфиналната рунда минутажата ја подели со Александар Стојаноски и Душко Тасески кој дебитираше во охридскиот дрес.


Завршницата од Купот на Македонија се игра од 19 до 21 мај, а домаќинот односно организираторот дополнително ќе биде одреден. Од четирите екипи учеснички за сега се познати три, а тоа се Охрид, Металург и Еурофарм Работник. Според сите очекувања бранителот на трофејот Вардар треба да биде последниот патник во Ф4 турнирот во Купот на Македонија.

OhridNews