Не кај Грашница, ниту кај градското пристаниште, туку кај Студенчишко блато ќе се гради марина во Охрид. Ова денеска го објавил градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески на средба со медиумите на која не присуствуваше OhridNews, иако нашата редакција уредно побара од службата и лица ангажирани за односи со јавност во локалната самоуправа, информација за средбата на претставници на општината во Министерството за транспорт и врски што се одржа вчера во Скопје. На неа, како што пренесе на официјалната веб страна на општината прес службата на локалната самоуправа, било договорено марина да се гради на потегот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел “ Парк“ по пат на јавно приватно партнерство. Истиот извор пренесува изјава од охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, во која тој објаснува зошто била избрана оваа локација, а не сегашното пристаниште кое беше едно од можните места за градба.
– За да се претпостави влез на приватен партнер во градба на ваква марина треба и да се обезбеди земјиште односно локација која што ќе му овозможи на приватниот партнер да гради придружни објекти крај марината со што тој би ја повратил вложената инвестиција. Со оглед на тоа што во моментов ваква локација во централното градско подрачје тешко може да се најде, одлучивме марината да се гради на просторот меѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел “Парк“– се вели во изјавата на градоначалникот Бакрачески.
Образложувајќи ја исправноста на одлуката, Бакрачески објаснува дека просторот во моментов е неурбанизирано подрачје кое се наоѓа блиску до центарот на градот и како такво не е доволно искористено за потребите на туризмот . Во овој дел имаше една зона во која требаше да се ревитализира Студенчишкото Блато, кое за жал во изминативе 35-40 години е целосно уништено и не е останато ништо што би наликувало на еден одржлив еко -систем, посочува Бакрачески.
– Како и да е ние со измените во генералниот урбанистички план кои што ги правиме, сепак оставаме и најмала можност, доколку експертите кажат дека има можност и има финансиски средства за ревитализација на дел од тоа Студенчишко блато да одредиме локација која што би била заштитена зона, согласно постоечката законска регулатив која што е пропишана од Министерството за животна средина, потенцира градоначалникот Бакрачески.
Во понеделникот на седница на советот на чиј дневен ред беа советнички прашања, градоначалникот Бакрачески истакна дека општина Охрид се уште чека одговор на еден од познат експерт за ревитализација на блата во Европа, кој пред околу три месеци направил увид на Студенчишкото блато за да посочи дали тој проект е изводлив и колку пари ќе чини, односно дали општината ќе биде во можност да ја обезбеди потребната сума на средства.
-Најважно прашања е доколку се изведе овој зафат е – колку тој зафат ќе биде одржлив. Значи ние немаме пари за паради, значи општина Охрид нема пари за времени вложувања кои што понатака не можат да се одржуваат, бидејќи препоставувам дека одржувањето на тој еко систем ќе бара многу средства, рече во понеделникот Бакрачески.
Според најавите на локалната самоуправа, просторот каде се планира да се гради марината ќе се прогласи за туристичка развојна зона. Таа ќе биде значајна за развој на туризмот, посочи градоначалникот и укажа на неколку можности во поглед на изгледот на овој дел од градов кои во моментов се само на степен на идеја, објаснуваат од локалната самоуправа.
OhridNews