Советникот и претседател на општинската ЛДП, Дејан Блажески продолжува да бара одговор од локалната самоуправа во врска со поставувањето на лизгалиштето на градскиот плоштад.Како што рече на денешната прес конференција, затоа што како советник не успеал, се обидел како граѓанин да добие одговор на поставените прашања со доставување на формулар за пристап до информации од јавен карактер.
– На тоа добив некомплетна документација и документ кој нема архивски број, ниту датум. Одговорно тврдам дека секретарот ја манипулирал јавноста околу проектот лизгалиште ,зборувајќи дека лизгалиштето е поминато како урбана опрема на седница на совет . Во одлуката за урбана опрема, во измените и дополнувањата, тоа го нема. Во меѓувреме свесен дека јас не се откажувам од расветлување на вистината, го добив овој документ од одговорните служби, кои се повикале на стара одлука од 31.05.2012 кога градоначалник бил Александар Петрески. Заборавиле дека со стапувањето на сила на новата одлука која ја донесовме, старата одлука, за поставување урбана опрема, престанува да важи, што значи дека се повикуваат на неважечка одлука, рече Блажески.
Тој додаде дека изготвено било и одобрение и извод за поставување на лизгалиштето како урбана опрема, според програма која предвидува презентација на лизгалишни спортови.
– Според договорт за деловно техничка соработка, доколку фирмата има право на комерцијално користење и продажба на билети тогаш не може да стане збор за презентација. За презентација треба да има договор за закуп на јавна површина . Се побарало поставување на лизгалиште , што е одобрено од сопругата Ирена Здравеска и секретарот. Повикувам јавен обвинител да поведе постапка затоа што ми е доставен документ кој нема архивски број и датум , рече Блажески.
Тој од секретарот на општината побара да поднесе оставка, а од градоначалникот да го разреши од одговорност, како и од јавното обвинителство да ја провери документацијата во врска со поставувањето на лизгалиштето.