Со свечено палење на сијаличките на Новогодишната елка која е поставена на охридскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, вечерва започнаа Новогодишните празнувања во Охрид.

Овој претпразничен настан, го збогатија дечињата од градинката „Јасна Ристеска“ и учениците од охридските основни училишта, кои приредија неколку забавни точки.

Градоначалникот Никола Бакрачески кој имаше чест да ги запали сијаличките на елката рече дека општината оваа година обезбедила неколкудневна Новогодишна програма на градскиот плоштад, со што ќе ги разубави празничните денови на охриѓани и на гостите кои ќе престојуваат во Охрид.

Освен градоначалникот на свеченото осветлување на елката, присуствуваа и дел од директорите на охридските јавни претпријатија, како и дел од советниците на Советот на општина Охрид.

Инаку деновиве заврши новогодишното украсување на плоштадот, кејот и чаршијата. Поставени се светлечки реквизити во единствена бела боја, а украсувањето е надополнето и со стари и репарирани новогодишни реквизити. Како изгледа украсениот Охрид, може да погледнете на следните фотографии.

 

OhridNews
фото: Емил Јовановиќ