Близу 20 проценти од населението на земјите на Балканскиот полуостров живее на работ на сиромаштија. Ова го покажува анализата на Еуростат за сиромаштија и нееднаквоста на приходите на 28-те земји од Европската унија за 2015 година, пренесува „Макфакс“.

Во осум земји од Европската унија луѓето живеат во значително повисок степен на ризик од сиромаштија во споредба со побогатите партнери од заедницата, резимира европската статистика. Во осум држави, како во Романија, на ризик од сиромаштија се изложени 25.4 отсто од луѓето, во Латвија (22,5 проценти), Литванија (22 отсто), во Шпанија (22 проценти), во Бугарија (22 отсто), во Естонија (21,6 проценти), во Грција ( 21.4 проценти) и во Хрватска (20 отсто).

Населението на уште неколку земји на Балканот, кои сепак се надвор од Европската унија, исто така живеат со зголемени индикатори за ризик од сиромаштија. Меѓу нив се Србија (25.4 проценти), Турција (23 отсто) и Македонија (21.5 проценти).

Најнизок процент на загрозени од сиромаштија во ЕУ е регистриран во Чешка и Исланд – по 9.6 проценти, Холандија (11,6 проценти) и Норвешка (12 отсто).

Еден од секои осум пензионери во Европската унија бил изложен на ризик од сиромаштија во 2015 година, се посочува во анализата. Највисок е процентот на сиромашните пензионери во Естонија (40 отсто), во Латвија (36 проценти), во Бугарија (30 отсто) и во Литванија (27.6 проценти).

OhridNews
извор: „Макфакс“