Творецот на победата на Украина против Шведска, во првиот натпревар кој воопшто оваа репрезентација го одиграла на едно Европско првенство, Андриј Шевченко, изјави дека тоа е голем ден за неговата земја.

Украинскиот принц, легендата на Динамо Киев и Милан, со два гола, постигнати во интервал од седум минути и донесе на својата репрезентација голема победа.

„Ова е голем ден за Украина, но нам ни преостануваат уште две средби во групата. Верувам дека имаме сили да ги исполниме очекувањата и сакам да им се заблагодарам на сите кои работеа со мене изминатата година, кога имав проблеми со коленото и грбот. Благодарение на нив сега сум подготвен и се чувствувам како да имам 20, а не 35 години.

Селекторот на Украина, Олег Блохин, кој пред натпреварот тврдеше дека неговите напаѓачи се далеку од посакуваната форма и дека репрезентацијата чии е предводник не е фаворит, ја пофали борбеноста и играта со која беше победена Шведска.


„Андриј не ми веруваше кога му кажав дека сонував како тој постигнува два гола. Му честитам на тимот, сега ги демантиравме критичарите“, рече Блохин.

Најдобриот играч на Шведска, Златан Ибрахимовиќ оцени дека и покрај поразот неговата репрезентација има шанси да оди во следната фаза.

„Се чувствувам тажно, тоа не требаше да се случи. Имавме повеќе поволни шанси, сега ни преостануваат уште две средби. Мора да играме многу подобро за да избориме поволен резултат“, порача Ибрахимовиќ.

Украина во следното коло ќе игра против Франција во Доњецк, додека Шведска во Киев ќе се сретне со Англија.

Видео : Шевченко – Ибрахимовиќ 2-1