Има јасно утврдени критериуми и законски процедури како општината може да пристапи кон поставување на плажи согласно изработен урбанистички план, доколку тој се наоѓа во рамки на Генералниот урбанистички план. За таквата процедура и постапка, согласно новиот Закон се изработува урбанистички проект, кој нема ни потреба да пристигне до Министерството или во Владата, така што Општина Охрид или било која друга општина која има таква потреба има можност согласно Генералниот урбанистички план и планот за управување со УНЕСКО да донесе урбанистчко плански документации, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во врска со носењето план за управување со Охридското крајбрежје од страна на Агенцијата за просторно планирање, поради што градоначалникот Кирил Пецаков неодамна излезе со обвинување дека тоа е пречка за изградба и давање под концесија на плажите за претстојната туристичка сезона.

По ова следува постапка која се води согласно Законот за градежно земјиште за издавање на тие плажи со јавна лицитација и оглас на краткотраен закуп од една до пет години. И таа постапка исто така би се водела во Општина Охрид. И од овде нема никаков застој од страна на Владата. Во однос на урбанистичкиот план за целото крајбрежје, тој се работи во Агенцијата за планирање на просторот, а она што го направивме за доброто на Охрид е обезбедивме 30 милиони денари за изработка на овој урбанистички план, истакна Бочварски.

Додаде дека се изработуваат сите подлоги кои се потребни и Министерството ја предаде постапката во Агенцијата каде се изработува, но и се усогласува со УНЕСКО.

Тоа е специфична планска документација која мора дополнително да се усогласи со УНЕСКО и доколку сметаме дека навистина треба да го зачуваме статусот со УНЕСКО таквите документации мора внимателно да се изработат и усогласат. Сите постапки се во тек, а ова е една огромна поддршка за Општина Охрид, рече Бочварски.

Во однос на различните критериуми на третирање на охридското крајбрежје во делот кај Струга, каде со години функционираат плажи без договори за концесија, тој нагласи дека Министерството не кажува дали некој треба да постави или отстрани плажи, туку води грижа за статусот на УНЕСКО.

Министерството за транспорт и врски како надлежно за урбанизацијата заедно со општините мора да водат грижа за статусот на УНЕСКО. Тоа го правиме доколку сме свесни за значењето на УНЕСКО во оваа земја. Доколку државата не е подготвена да го чува и се грижи за тој статус тогаш кој било од овие субјекти правни или институции треба да излезат и да кажат јасно и гласно дали се за или се против одржување на статусот на УНЕСКО во Охрид. Досега не сум чул од ниту една институција, ниту една општина ни Владата дека е подготвена да се откаже од ваквиот статус, подвлече Бочварски.

Сите плажи кои се во рамките на Генералните урбанистичките планови и на Охрид и на Струга има постапка согласно изработка на Урбанистичко планската документација законски во согласност со УНЕСКО да се постават такви објекти односно плажи кои ќе служат за развој на туризмот на охридското крајбрежје и тоа е дозволено со Закон во рамки на ГУП-от, потенцира Бочварски.

Н.С.Ј.