Бродарите во Охрид на втора средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ги изнесоа своите барања во однос на можноста за полагање за добивање на сертификат за професионално пловење во Охрид, а беа изнесени и сите други прашања и предизвици кои ги тангираат во однос на пристаништето.
Сметам дека ќе одговориме позитивно во однос на прашањата за полагање за добивање на сертификат за професионално пловење кој сега во моментов се полага надвор од државата, а нивното барање е овој тип на полагање да се врати во Охрид, заедно со сите чекори кои ќе ги преземеме како Министерство во однос на измена на Законот за пловидба во којшто сакаме да прецизираме дека овој тип на сертификати односно дозволи би се добивале и би се полагало пред Комисија во Охрид. Сметам дека треба акцентот во идниот период да го ставиме во регулација на законските можности и услови со цел да ја зголемиме и безбедност и контролата на сите пловни објекти во нашите езера.
Раководителот на Капетанија на пристаништа Горан Устијаноски, истакна дека со развојот на туризмот оваа гранка станува се поактуелна и бара надградување во смисла на инфраструктурата, одредени законски измени во однос на полагањето испити за професионални звања итн.
Законот за внатрешна пловидба постојано трпи измени, онака како што доаѓаат измените и во европската регулатива. Во таа насока имавме состанок со претставници на Хрватскиот регистар на бродови кој според актуелните европски директиви веќе добива можност да врши технички прегледи и за нашите внатрешни пловни патишта односно на сите пловни патишта во Европа, меѓу кои и на нашите, рече Устијаноски.
За таа цел, потенцираше министерсот Бочварки, останува прашањето на регулација на кој начин би се продлабочила соработка со нив како едно развиено Министерство во однос на овој дел, во делот на пловидбата и законите и сите процедури со цел да имаме поголема безбедност.
Бочварски потенцираше и дека за оваа година предвидено е продлабочување на пристаништата во Охрид и во Св. Наум.
Во идниот период ќе разговараме со локалната самоуправа за реконструкција на пристаништето во делот на ингеренциите и регулацијата на пристаништето. Во делот на продлабочување на пристанишатата, Министерството за транспорт и врски оваа година обезбеди средства да направиме еден чекор во насока на поголема безбедност и да ги прочистиме пристаништата и овде во Охрид и во Св. Наум. Наскоро ќе ја распишиме постапката за избор на изведувач кој што ќе работи на ова прашање, рече Бочварски.
Но, секако во однос на состојбата во која се наоѓа пристаништето во Охрид и кое е под ингеренции на Општина Охрид ќе разговараме и со локалната самоуправа, потенцираше Бочварски, за на кој начин може да се регулира тоа, секако во согласнот со сите процедури бидејќи Охрид е под заштита на УНЕСКО, со кои материјали како би се обновило, но и да се обезбеди буџет односно средства.
Н.С.Ј.














