Со вечерашната изложба на хрватски сликари од колекцијата на Стјепан Пихижек, ликовен круг “Сесвете”- Загреб, во 20 часот во изложбениот салон на Центарот за култура, почнува годинешното издание на Балканскиот фестивал на народни песни и  игри.
 
Официјалниот дел од фестивалот ќе почне во сабота, со фолклорно дефиле низ охридските улици, а свеченото отворање е предвидено во 21 часот на сцената на Долни Сарај кога за отворен, фестивалот ќе го прогласи претседателот на македонското собрание, Трајко Вељаноски.

–    Ги покануваме охриѓани и гостите да дојдат и уживаат во богатиот фолклор кој ни доаѓа од различни земји. Секоја фестивалска вечер ќе понуди различно доживување за посетителите, вели директорката на Центарот за култура, Драгана Боцевска.

На 52- то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, ќе настапат ансамблите „Осиек“ од Хрватска, „Абант Изет Бејсал“ од Турција, „Светозар Марковиќ“ од Србија. „Златица“ од Бугарија, „Марболени “ од Шпанија, „Пролетер“ од Босна и Херцеговина, „Трицчеле“ од Италија, „Зора“ од Унгарија, „Курпианка“ од Полска и „Никола Јонков Вапцаров“ од Македонија.

Свој настап на фестивалот ќе имаат и фолклорните ансамбли од Охрид  „Бисери“ и „ОТЕКС“, како и културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Велгошти.

OhridNews