Се’ уште се сублимираат резултатите за туристичката посетеност на Охридското крајбрежје, но според тврдењето на повеќето туристички работници, оваа туристичка сезона е успешна. Посебно се истакнува податокот дека Охрид беше масовно посетен од гости од западно-европските земји и други подалечни држави. Во поткрепа на тврдењата, дека годинашната туристичка сезона ќе биде успешна, покрај жешкото лето, во прилог оди и убавото време овааа есен. Во септември во Охрид престојуваа организирано повеќе групи гости од странство, а туристичката сезона благодарение на времето, продолжи и во октомври.

Според претседателот ХОТАМ Дончо Танески, радува податокот дека хотелските капацитети беа исполнети во текот на целата туристичка сезона.

Исполнетоста се движеше од 70-100% од месец мај па се до октомври. Во Охрид, со организирани чартер летови престојуваа над 20.000 странски гости. Неколку илјади туристи од странство летуваа индивидуално, изјави Танески. Тој го наведува и податокот дека странските тур-оператори во потполност ги исполниле договорените обврски, а како што рече, “радува заинтересираноста за идната туристичка сезона, за која има зголемен интерес за сместувачките капацитети во Охрид речиси двојно“.

Во туристичката агенција “Вис-Пој“ ја истакнуваат добрата пред и по сезона, кога е забележана зголемена посетеност на туристичките групи во Охрид кои се дел од таканаречените балкански тури. Според Јаким Маленко од “Вис Пој“, оваа туристичка сезона беше успешна, а посебно треба да радува посетеноста на гости од Холандија. -Голем број холандски туристи, покрај авионски со чартер летови, доаѓаа организирано и со автобуски превоз.-истакна Маленко. Тој посочува дека за жал оваа година изостанаа гостите од Србија, а како причина ги наведува многу поволните туристички аранжмани кои што Грција ги понуди на српскиот пазар.

Слични оценки за успешноста на туристичката сезона доаѓаат од Т.А. „Елида-Турс“. Сопственикот и менаџер Елида Битрак истакнува  дека убавото време ја продолжи туристичката сезона што резултираше со поголема посетеност, посебно на туристи од Европа. –Охрид, за прв пат, оваа година организирано го посетија и туристи од Латвија.-додава Битрак. И таа ја потенцира слабата посетеност од страна на туристите од соседните земји, посебно од Србија, кои беа традиционални гости во Охрид“.

Според нецелосните извештаи за вкупната посетеност, се проценува дека оваа година се остварени помал број ноќевања кај приватните станоиздавачи. Додека лани се бараше кревет и во периферијата на градот, оваа година таквата слика не се повтори. Но,Трајче Манасиев не го дели таквото мислење. Вели дека неговите апартмани оваа година беа добро исполнети.

-Најповеќе кај мене доаѓаа туристи од Полска, Бугарија и Србија и во однос на лани посетеноста е подобра.-рече Манасиев.

Другите станоиздавачи ретко сакаат да даваат изјава, особено оние кои работат “на диво“. Туристичките работници сметаат дека проблемот со дивите станоиздавачи се’ уште не е решен и дека бројот на туристи, кои престојуваат кај нив, никаде не се евидентира. Со тоа се избегнува плаќањето на туристичка такса и се стимулира нелојалната конкуренција. Од друга страна и големата урбанизација која произведе според одредени проценки речиси 10.000 викенд станови, не оди во прилог на развојот на туризмот.

З.А.