Посетителите на фестивалот ќе имаат можност во текот на пет дена, да учествуваат на голем број креативни работилници, предавања, музички изведби, независен театар и филм, поетски читања. Програмата е креирана во тематски денови, Јаки жени –женско творештво, Ачик Активизам – активизмот и креативните индустрии, Збор- два текст – литературно творештво, Утрешниот уметник – современи текови во уметноста и Урбан шаман – уметноста и културата на живеењето.
На фестивалот ќе се претстават автори од младата современа арт сцена, како и предавачи експерти од академската и креативната бизнис сцена. Фестивалот е наменет за категоријата на граѓани кои ја следат културноуметничката сцена, со посебен акцент на студентската популација која се интересира за современите културолошки текови и е во потрага по насоки за правилно усмерување на уметничките вештини во современите економски околности.
Со посебни утрински работилници ќе бидат опфатени и најмладите од 8 до 13 години.
Фестивалот е во организација на здружението Иницијатива за независен културен активизам ИНКА Струга, во партнерска соработка со Центарот за Култура „Браќа Миладиновци“.