Боге Стефчески е прогласен за најдобар полицаец во 2009 година од страна на Секторот за внатрешни работи Охрид.

Заменик началникот на Секторот, Илир Жаку на денешната прослава по повод 7 Мај, денот на македонската полиција, на Стефчески му подари телевизор.


Боге Стефчески е најдобриот полицаец за 2009-та  година во Охрид

Најдобриот полицаец во 2009-та е припадник на полициската станица за безбедност во сообраќајот и веќе 9 години е дел од министерството за внатрешни работи.

„ Овој успех се заслужува со законско, професионално и примерно однесување и навремено извршување на поставените задачи“ изјави Боге Стефчески.

Портпаролот на СВР – Охрид рече дека годинава празникот на полицијата се одбележува скромно заради економската криза.

Безбедносната состојба на подрачјето на СВР-Охрид е поволна и стабилна, оценуваат од охридската полиција.

Во изминатите 4 месеци се случени 174 прекршоци  во делот на јавниот ред и мир, а таа бројка во истиот период од минатата година изнесувала 254. Во делот на класичниот криминалитет се регистрирани  179 настани  наспроти 201 во изминатата година. Во областа на сообраќајот се регистрирани 1 310 прекршоци односно 1 483 лани.

„Ова говори дека полициските службеници се извонредно добро поставени во делот на превентивата во сите сегменти на делување“, додаде портпаролот Димоски.

По повод Денот на македонската полиција, началникот на СВР-Охрид, Стефан Буџакоски, денеска имаше прием кај министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Ohridnews