Познатиот охридски фотограф Емил Јовановиќ, долги години е хроничар на настаните во Охрид. Објективот на неговата камера овековечил многу моменти и случувања, кои денес имаат историска вредност. Празникот Водици несомнено е едно оа бројните такви случувања кои фотографски ги бележи Емил Јовановиќ.

Фото: Емил Јовановиќ

Сo Водици, како и секој охриѓанец сум поврзан емотивно. Најпрвин како учесник во масовното капење и скокање по чесниот крст, потоа повеќе години како нуркач –  спасител на манифестацијата, а од 2010 година и како хроничар преку овековечување на настаните на Богојавленските празници во Охрид. Не може да се опише со зборови чувството да се биде дел од оваа прекрасна традиција, која е уникатна овде во Охрид, на извориштето на нашата духовност, писменост, култура и идентитет. Тие емоции и енергијата која тука е присутна посебно на овој празник, се обидувам да ги доловам преку моите фотографии кои остануваат да сведочат за едни убави времиња на кои со задоволство се навраќам.– вели Јовановиќ во разговор за OhridNews.

Водици Охрид 2010

Водици Охрид 2011

Водици Охрид 2012

Водици Охрид 2013

Водици Охрид 2014

Водици Охрид 2015

Водици Охрид 2016

Водици Охрид 2017

Водици Охрид 2018

Водици Охрид 2019

Водици Охрид 2020

Фотографиите на Емил Јовановиќ и на неговите повозрасни и помлади колеги и хроничари на Охрид: Митко Лукан, Владо Паунче Скитник, Владимир Тунтев, Александар Ковачески, Петар Боев, Томе Љушев – Шпанец, Лара, Кристијан Љушев, Мега продукција и Стојан Стојановски, ќе бидат дел од Првата виртуелна изложба на празнувањето на Водици во Охрид од 1990 до 2020 „Богојавление низ годините“. На неа ќе бидат изложени и архивски материјали од архивата на Дебарско-кичевска епархија и Митрополитот Тимотеј, како и фотографии од личната архива на Љупчо Маслов, Вера Биљанова (Здравева), Ѓорѓи Биљаноски, Митко Топенчаров, Јован Арнаудов, Јован Рилков и Јован Бабаче.

Виртуелната галерија и целиот фото албум ќе бидат јавно достапни на празникот Водици, 19 Јануари, во 12:00 часот на следниот ЛИНК.

Проектот користи технологија за виртуелна реалност која овозможува интерактивно разгледување на изложбата преку компјутер или смарт телефон. Комплетната изработка на веб решението, како и на виртуелната галерија е на проф. Јане Бакрески и на компјутерскиот инж. Стефан Спирковски. Изборот на материјали го направи Илија Ристески.

Идејата беше во едни вакви времиња да дадеме мал придонес за што подостоинствено одбележување на празникот Водици, дотолку повеќе што поради актуелната здравствена ситуација оваа година нема да има масовни собири и празнување како што тоа беше во минатото. Направивме веб сајт посветен на празнувањето на Водици во Охрид каде има факти, фотографии и видеа од празнувањето во минатото, дури најдовме едно видео од 1941 година. На идејата за виртуелна изложба на фотографии од Водици во Охрид од возобновувањето на традицијата на градското пристаниште во 1990 година до 2020 година работев речиси две години. Секако најголем предизвик беше да се најдат фотографии од сите години и благодарение на сите спомнати и архивата на епархијата на Владиката Тимотеј и на многу други, обезбедивме фотографии од сите години од 1990 наваму. – ни кажа во телефонски разговор Илија Ристески.

На веб страната за празникот Богојавление во Охрид поместени се и архивски материјали и видеа на здружението „Богојавление“ и други интересни факти за празнувањето на Водици. Ристески вели дека ова е само почеток и дека во иднина архивата на веб сајтот за празникот Богојавление во Охрид, како и фото архивата ќе се надополнуваат, што е од непроценливо историско значење.

Г.М.
Фото: Емил Јовановиќ