Ќе прифатиме одговорност за своите постапки само тогаш кога Груевски и другите инкриминирани во објавените разговори ќе прифатат одговорност во судницата до мојата, изјави Павле Богоевски, активност на Шарената револуција, против кого започна судски процес за учеството во протестите што се одржуваа по одлуката на Претседателот за аболиција, јавува „Макфакс“.
„Бев дел од групата, која Зврлевски ја нарекува толпа, не признавам вина за моето поведение. По дефиниција вина е општествен прекор, не може да ме прекорува општеството чиј правен систем дозволува десет години Груевски да ја силува правдата во оваа држава и да ја киднапира секоја пора во општеството. Ќе прифатиме одговорност за своите постапки само кога Груевски и другите инкриминирани во објавените разговори ќе прифатат одговорност во судница до мојата“, рече Богоевски.
Судењето се одложи бидејќи Јавното обвинителство ја нема одредено штетата од кривичното дело за коешто го товари Богоевски.
Според обвинителниот предлог Богоевски е обвинет за учество во толпа што ќе стори кривично дело, односно дека на 18-ти април фрлал балони полни со боја врз фасадата на Министерството за култура.
Овој објект е прогласен за објект од посебна вредност, односно значајно културно наследство. Обвинителството рече дека тоа што не била утврдена штетата е техничка грешка и предложи висок претставник од Министерството за култура да дојде како сведок и да ја утврди направената штета. Одбраната на Богоевски побара судот да го отфрли обвинителниот предлог бидејќи со тоа што не е утврдена штетата нема кривично дело.
Судијката го одложи рочиштето за на 14 ноември за кога треба да биде утврдена штетата. Пред Кривичниот суд се собраа активисти на Шарената револуција кои му дадоа поддршка на Богоевски, а меѓу нив беа и припадници на опозициската партија СДСМ, Хелсиншкиот комитет и други граѓани.
Меѓу собраните граѓани беше Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ, новинарот Мухамед Зекири кој сега е во СДСМ, пливачот Александар Маленко, професорот Гордан Калајџиев.
OhridNews
извор: „Макфакс“