Си земаме за слобода и право, како лидер и прв човек на најголемата христијанска земја, Руската Федерација да Ве поканиме на една манифестација која во основа претставува можност за собирање и зближување на христијанскиот народ, се наведува во писмото кое од здружението е испратено до рускиот претседател.
– Македонија како што Ви е познато е библиска земја, една од земјите од каде почнало да се шири христијанството и писменоста на словенските народи. Векови на назад, во Македонија, а најмногу во древниот Охрид, кој мирно почива на прочуеното Охридско Езеро се одржуваат црковни манифестации кои потсетуваат на времето на крштевањето на Исус Христос од страна на Св.Јован Крстител. Со црковни обреди, Светиот Крст се фрла во водите на Охридското Езеро. Христијаните што ќе стигнат до него се среќници и деца на Бога. Во последните десетина години, во Охрид делува Здружението за афирмација на македонската православна црква “Богојавление“ кое заедно со црковните структури учествува во организацијата на масовното обележување на Водици. На 19-ти и 20-ти јануари, на денот Богојавление и Денот на рибарите, Охрид е Мека на христијанскиот православен свет. Во Охрид доаѓаат поклоници на Бога од цела Македонија, како и од соседните земји Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора итн. Повеќе од дваесет илјади граѓани присуствуваат на одбележувањето на овој христијански празник, проследен со црковни обреди и богата културно-уметничка програма. Во името на здружението “Богојавление“ и во мое лично име, си земам за право да Ве поканам да дојдете во древната престолнина на христијанството, на далеку прочуениот Охрид и да бидете КУМ на манифестацијата за одбележување на големиот христијански празник Водици 2013, се наведува во писмото испратено до претседателот Путин од страна на првиот човек на здружението, Љупчо Арнаудов.
Од здружението се надеваат дека Путин и покрај бројните обврски, како лидер на најголемата христијанска земја и како искрен почитувач на Бога, ќе ја прифати поканата и ќе пристигне во Охрид за одбележувањето на големиот празник.












