По повод празникот посветен на „Преподобната Параскева (Петка)”, во храмот „Свети Никола Геракомија” денес ќе биде отслужена Вечерна Богослужба со почеток во 16:00 часот, информираат од Првата охридска парохија – Варош.

Утре ќе биде отслужена Утрена Богослужба и Света Божествена Литургија со почеток во 07:30 часот.

Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што во народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со Св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува на 27 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, (во стариот завет саботата била празник, а не неделата) бил ден за подготовки пред празникот. Во петокот евреите се подготвувале за саботата. Параскева значи подготовка.

Света Параскева (Петка) според која се празнува утрешниот ден е родум од градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ биле богати и благочестиви христијани, а освен Петка имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напуштила родителскиот дом и отишла најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизувала до својата старост. На старост еднаш ѝ се јавил ангел Божји и ѝ рекол: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послушала небесниот глас, ја оставила својата омилена пустина и се вратила во Епиват. Тука таа поживеала уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предала својот дух на Бога. Се упокоила во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

OhridNews