Банкарскиот систем на Македонија е сигурен и не постои ризик од одлив на капитал поради кризата во Грција, смета гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, кој денеска се обрати на 16- та Меѓународна конференција на Клириншки институции во Централна и Источна Европа што се одржува во Охрид

-Македонските банки се стабилни имаат одлична капитализираност и многу висока ликвидност. Тие не се изложени кон државен долг кон најризичните држави од еврозоната. Македонските банки не се изложени кон Грција, парите на депонентите се пласирани во македонската економија, кон македонските претпријатија и македонските граѓани. Од тој апспект не очекуваме пренесување на негативните ефекти кон македонските банки. – изјави Богов.

Тој посочи дека Народната банка ја следи ситуацијата и е подготвена да им помогне на банките доколку за тоа има потреба, иако, како што рече, ликвидноста што ја поседуваат домашните банки е одлична и може да ги задоволи сите потреби кои би се појавиле. „Не очекуваме одлив на пари од македонските банки кон странство“, додаде Богов.

Во врска со кризата во Грција, Богов смета дека ситуацијата е сериозна, но е под контрола.

– Европските политичари ја држат под контрола кризата во Грција за која се бара решение. Од она што го гледаме и слушаме секојдневно сметам дека најверојатно на крајот кризата ќе заврши со контролиран банкрот меѓутоа тоа ќе биде следено со истовремена докапитализација на банките во Европа. Тоа е неопходно бидејќи европските политичари нема да дозволат развивање на нова банкарска криза.-истакна Богов.

OhridNews