Со апел граѓаните да си ги вратат заштедите во банките и да не веруваат на шпекулациите дека има опасност од девалвација на денарот, гувернерот на Народната банка, Димитар Богов и првиот човек на Банкарското здружение Коста Митровски уверуваат дека состојбите во банкарскиот сектор се стабилизирани.

– Во текот на април беа повлечени 1,6 проценти од депозитите на населението или 3,6 милијарди денари, а Народната банка интервенираше со 77 милиони евра на девизниот пазар. Но, поради високата ликвидност, добрата капитализираност и високото ниво на девизните резерви, банките релативно добро се справија со овој предизвик“, рече Богов.

Тој не негира дека има повлекувања и кај фирмите, но, според него, тоа не може да се поврзе со конкретната ситуација, бидејќи кај фирмите движењата се нестабилни од месец во месец. Интервенцијата на Народна Банка не се смета за штета во однос на девизните резерви, вели гувернерот бидејќи девизите не се изнесени надвор од земјата како што беше случај со поранешни кризи во земјава.

Богов повтори дека опасност од девалвација на денарот немало во ниту еден момент. Со мерките кои неодамна ги презеде Народната банка само се намали недовербата кај оние кои, како што рече гувернерот, биле заведени од таквите шпекулации. Ситуацијата се нормализира. Сè уште побарувачката на менувачкиот пазар не е на оние нормални големини, но е многу блиску до нив“, вели Богов.

Во однос на опасноста од зголемување на каматните стапки на потрошувачките и станбените кредити, гувернерот вели дека тоа ќе зависи од деловната политика на банките, но истовремено не ја исклучи таквата можност.

OhridNews
извор РСЕ