Замените на колк во земјава се одвиваат со подобро темпо во споредба со одредени европски земји, но изборот на конкретен доктор и доцното пријавување кај специјалист се клучните причини за подолгите листи на чекање велат здравствените власти. Листите на чекање за замена на колк и колено варира од установи каде што нема чекање до установи каде се чека и над една година.

Ако направиме споредба, ние имаме повисоко ниво на замена на колк отколку Хрватска. За споредба, во Словенија за оваа интервенција се чека и до две години. Од позначајните установи за овој тип на интервенции во болницата „Свети Еразмо“ листите на чекање се најкратки, истакна министерот за здравство, Сашо Клековски.

Доколку дојдете на доктор со првите проблеми, можете безбедно да го планирате процесот. Но, кога ќе се дојде во ситуација со неподносливи болки и неподвижност, природно е пациентот да бара операција веднаш, а не да чека од 6 до 12 месеци. Ова се однесува на хроничните и елективните случаи, додека трауматските повреди се третираат итно, додаде Клековски.
Од раководството на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид уверуваат дека нема задоцнување или недостиг на медицински материјали и дека листите на чекање често се резултат на субјективниот избор на пациентите за одреден хирург.
Кај нас во секое време има од сите типови на протетски и трауматолошки материјали. Некогаш кај одреден број хирурзи листите на чекање се поголеми и ако пациентот инсистира на конкретен доктор, чекањето може да биде и од 6 до 9 месеци. Во исто време, кај други колеги воопшто нема листи на чекање. Значи, се работи некогаш и за личен избор на самиот пациент, објаснува директорот на болницата, Харалмпие Шокаровски.
Нагласува дека листите на чекање важат исклучиво за планираните операции, додека во сите итни состојби се интевенира веднаш, без одложување.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска











