– Станува збор за чиста шпекулација и најодговорно тврдиме дека не се планира било каква продажба на болницата Свети Еразмо, изјави Даниела Алексоска, портпарол на министерството за здравство.
И од болницата Св. Еразмо изјавуваат дека се изненадени од ваквите гласини и дека досега воопшто не се разгледувала можност да се врши продажба на болницата, при тоа потенцирајќи дека станува збор за една од најуспешните здравствени установи во земјата.
Ваквите информации во јавноста беа проширени откако беше обелоденето дека турски инвеститори се заинтересирани да вложат во Охрид, во областа на здравството.
Засега, станува се поизвесно дека во близина на болницата Св. Еразмо ќе се гради клинички центар од страна на една од најпознатите здравствени институции во Европа- Аџибадем од Турција. За таа цел, неодамна, охридските советници ја донесоа одлуката за утврдување на нацрт ДУП за вон населено место Свети Еразмо, што беше услов за да се продаде земјиштето на заинтересираниот инвеститор за изградба на клиниката, со кого веќе неколку месеци се водат преговори од страна на градоначалникот Александар Петрески, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и Агенцијата за странски инвестиции .