Шесткратниот олимписки победник Усеин Болт изјави дека би сакал да се испроба во дисциплината скок во далечина на наредниот Олимписки игри, кои ќе се одржат во 2016 година во Рио де Женеиро.

„Мојот тренер сака да се обидам на 400 метри, но јас повеќе сакам во скок во далечина“, изјави Болт за Sky News пред митингот во Лозана, каде ќе трча на 200 метри.

Јамајчанецот во Лондон освои златни медали на 100 м, 200 м и 4×100 м, исто како и во Пекинг пред четири години. Тој вели дека постојат многу работи во спортот кој би можел да ги прави, но дека треба да се дефинираат целите.

„Би можел да се обидам да рушам рекорди, но по завршувањето на сезоната ќе одлучиме што сакаме да работиме и на тоа ќе се насочиме наредната сезона“, изјави прославениот спринтер, кој е сопственик на светските рекорди на 100 м (9.58), 200 м (19.19) и во штафетата 4×100 м (37.04).