Желбата за добра и лесна заработувачка е многу посилна од хуманоста. Честопати изговорот „борба за егзистенција“ е злупотребен од многумина, кои бесчувствително се осудиле истиот да го бараат фрлајќи се во нелегалниот бизнис со борби со кучиња. Јавна тајна е дека организирањето на вакви крвави борби чини илјадници евра. Истите се одржуваат на тајни локации во речиси сите градови низ земјава.

Се погласни стануваат претставници на невладиниот сектор, граѓаните и здруженијата за заштита на животните, кои преку социјалните мрежи секојдневно апелираат до надлежните за овие нелегални активности. Иако честопати медиумите пласираат застрашувачки снимки и фотографии на кои јасно се гледаат крвавите борби со кучиња, сепак надлежните институции во земјава се уште не презеле конкретни активности за сузбивање на овој крволочен „спорт“.

Борби со кучиња во охридско-струшкиот регион?

Иако многумина не сакаат јавно да проговорат за овој проблем, сепак дел од охриѓани велат дека вакви крволочни борби се оддржуват и во охридско-струшкиот регион. Во прилог ги наведуваат и неодамнешните снимки по медиумите и социјалните мрежи, на кои се гледа како домашните миленици се претвораат во безмилосни „ѕверови“.

До нас како ново здружение за заштита на животните, досега не е доставена никаква пријава за вакви нелегални активности. Но наш став е дека многумина стравуваат истите да ги пријават. Опшетството кое се базира на некомпетентност, неетичност и барање начини како побрзо да дојдеш до финансии, не создава добра подлога за развој на човекот во човекот. Голем број психолози, меѓу кои и Ерих Фром го потврдуваат ова. Надворешните услови од нас прават злосторници, иако навидум тоа може да изгледа како нешто нормално и оправдано од стилот „борба за леб“. Оној кој е суров кон животните, суров е и во својот однос кон луѓето. За човечкото срце можеме да судиме според неговиот однос кон животните.“ – велат од локалното Здружение за заштита на животните „Анималиа“.

„Анима Мунди“ веќе пет години води борба со институциите!

Од скопското Здружение за заштита на животните „Анима Мунди“ велат дека веќе пет години медиумски и институционално реагираат по ова прашање, врз основа на сознанија од граѓаните и активистите за евентуални вакви настани.

Бидејќи станува збор за организиран криминал, сите сознанија од граѓани и активисти за евентуални борби, одржани или закажани ги доставуваме и до АХВ и до полиција. Тие се должни да реагираат врз основа на тие наоди. Имало случаи кога полицијата излегувала на повик за места каде сме имале дојава за одржување на борби да патролира, но во повеќето случаи се инертни и недоволно ангажирани. Сепак многу е тешко да се обезбедат докази, бидејќи повеќето од тие борби се одржуваат во тајност, освен по некој идиот што јавно на фејсбук ќе закачи видео од борби во кои учествувал. Сите такви случаи досега се регистрирании и пријавени до АХВ и до полиција.“ – велат од „Анима Мунди“.

Сопственици на кучиња на своја рака вршат хирушки зафати

Дел од охридските ветеринари велат дека сопствениците на кучиња кои учествуваат во борби, на своја рака и во нехигиенски услови вршат хирушки зафати над истите.

Кругот е затворен, а малку луѓе знаат за таа работа. Тоа се затворени простории, до кој се нема пристап. На ветеринар не се носат кучиња со последици од борбите, туку сопствениците интерно ги лечат. Веројатно знаат да шијат, имаат препарати и хормони, односно се работи за професионалнци. Сигурно дека условите се небезбедни, но никој со точност не може тоа да го потврди, бидејќи ретко кој располага со информации.“ – вели Марјан Крстаноски, доктор по ветеринарна медицина.

Од какви средини потекнуваат луѓето кои учествуваат во борби со кучиња?

Психотерапевтите и психолозите потенцираат дека голем дел од луѓето кои тренираат и учествуваат во борби со кучиња, потекнуваат од нереспонсивни средини со ограничени социјални и економски можности, ниско ниво или отсуство на емоционално споделување и приврзаност во семејството, слаби вештини на комуникација и разменување.

Познато е дека преку животните се задоволуваат голем број на социјални потреби кај луѓето. За оние кои повредуваат животни, особено во последно време, се посветуваат доста научни истражувања. Како и кај другите видови на обложување и т.н. „коцкање“ во основата на ваквите социопатолошки активности е брзиот и лесен начин да се стигне до пари. Истражувањата покажале дека емпатичноста, односно отсуството на емпатичност лежи во основата како црта на личноста. Истата се проектира во социјалните контакти кон луѓето генерално, но и кон животните, а се однесува на сознанието за тоа како тие се чувствуваат за време на борбите.“ – вели Елена Каневче, дипломиран психолог, семеен и системски советник.

Садизам – младите уживуваат во крволочниот спорт

Како што потенцира Каневче, некои психоаналитички теории ја уважуваат „темната страна на личноста“ и посочуваат на садизмот и мотивите на бруталност и уништување кои се двигатели на личноста.

Загрижува кога младите личности уживаат во страдањето на кучињата во борбите наместо да покажуваат емпатија, сочувство и грижа, зашто кај истите тенка е границата  да прераснат во насилници кои ќе уживаат во насилството и помеѓу луѓето.“ – потенцира Каневче.

Изборот на куче – демонстрирање моќ во општеството

Каневче вели дека други наоди од истражувањата покажуваат значајна поврзаност на изборот на куче со демонстрирањето моќ и статус во општеството, односно идентификација на сопственикот со кучето.

Аналогно на тоа, преку борбите со кучиња се демонстрира сила, моќ и контрола, така што оној чие куче победува е доживеан како општествено „компетентен“. Она што е специфично во борбите со кучиња при таквото демонстрирање на моќ и контрола, е отсуството на одговорност за евентуалната загуба на кучето, како и  отсуството на физичка болка и повреди кај оној, чие куче се натпреварува. Доколку кучето победи се доживува огромна сатисфакција и „прифтеност“ на некој кој е победник во општеството, при што победата му се припишува нему самиот.“ – вели Каневче.

Казни

Според член 51 став 3 од Законот за заштита и благосостојба на животните, глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице доколку поттикнува агресивност на животните против други животни и доколку поттикнува, организира и одржува борби меѓу животните за било какви намени.

Доколку поттикнува агресивност на животните против други животни, освен глоба на физичкото лице ќе му се изрече и посебна прекршочна мерка, одземање на животните, а ќе му се изрече и прекршочна санкција – привремена забрана за вршење на неговата професија или должност во траење од 10-15 дена. Кладбите за борби со кучиња, иако забранети со Законот за заштита и благосостојба на животните најчесто се движат до 500 евра по борба, а честопати и повеќе. Досега не е изречена ниту една казна од страна на полицијата за организирање борби со кучиња. „Величината и моралниот напредок на една нација можеме да ги цениме според начинот на кој таа се однесува кон животните.“ Македонијо, на тебе е одлуката!.“ – велат од локалното Здружение „Анималиа“.

О.Т.

OhridNews доделува бесплатни влезници за урнебесното кабаре “2Mothers brothers” вечер во Центарот за култура