Во рамките на Прекуграничниот проект за интегрирано управување со Преспанскиот басен, во Тирана ќе се одржи состанок на Заедничкиот Борд на кој ќе бидат разгледани активностите во прекуграничната компонента на Проектот и прогресот на националните компоненти, а се очекува да бидат утврдени и активностите во наредниот период. На состанокот ќе присуствува и преставник од Министерството за животна средина и просторно планирање од Македонија, Дејан Пановски.

“Исклучително е важно да се санираат состојбите на Преспанскиот слив пред се заради влијанието што го има врз состојбите во Охридското Езеро и врз целиот Дримски басен. Доколку институционално и теренски заштитата се оствари поголеми ќе бидат основите за целосна заштита на езерата, а преку тоа поголема ќе биде и можноста  за нивно еколошка и туристичка валоризација. Ако ја заштитиме Преспа , сме го заштитиле и Охрид и целиот регион. Тоа е едно ткиво и еколошко и економско”, потенцира Пановски.

На состанокот во Тирана свои излагања ќе имаат меѓународниот советник за прекугранични прашања, како и преставниците од трите страни на сливот Албанија, Грција и Македонија.

OhridNews