Српскиот претседател Борис Тадиќ соопшти дека поднесува оставка на функцијата, со што се отвора патот за одржување на предвремени претседателски избори на 6 мај, за кога веќе ќе се закажани парламентарните, покраинските и локалните избори во Србија.

На прес-конференција во Белград, Тадиќ рече дека решил „да го скрати својот мандат“ и да овозможи на 6 мај да се одржат избори на сите нивоа на власта.

– Ќе се кандидирам на тие избори со многу оптимизам поради позитивните трендови во нашата земја, нагласи Тадиќ.
Тој истакна дека смета оти изборите ќе бидат тешки, но и дека ќе претставуваат можност граѓаните да се определат по кој пат ќе сакаат да одат.

– Јас го предлагам патот на европските интеграции и зачувување на интегритетот на земјата, потенцира Тадиќ, додавајќи дека нема да го признае Косово.

Белградската телевизија Б92 уште синоќа јави дека Тадиќ својата одлука да поднесе оставка ја соопштил на вчерашната седница на раководството на неговата Демократска партија (ДС), со образложение дека државата би заштедила средства со одржувањето на избори на сите нивоа на власта во еден ден.

Аналитичарите оценуваат дека со вклучувањето во кампањата на вонредните претседателски избори, Тадиќ сака да придонесе за зголемување на рејтингот на ДС на парламентраните избори, која сега заостанува зад опозициската Српска напредна партија (СНС).

Се очекува преседателот на српското Собрание Славица Ѓукиќ-Дејановиќ во текот на денов да распише вонредни претседателски избори за 6 мај. Актуелниот втор мандат на Тадиќ истекуваше во февруари 2013 година и редовен термин за одржување на претседателските избори беше крајот на оваа година или најдоцна јануари идната година.

OhridNews