Спомен обележјата од НОБ не се одржуваат, тие се запуштени и како никој да не води грижа за нив, коментираат борците.

–    Во Охрид и околината има околу 150 обележја кои може да се каже дека се запуштени.Не сме задоволни како тие се одржуваат, а ние немаме доволно средства да се грижиме за нив. Тоа е должност и на локалните самоуправи и на владата, вели претседателот на општинската организација на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески.


Од локалната самоуправа информираат дека спомен обележјата во Охрид и охридско се одржуваат во рамки на можностите.

–    За тековната 2012 година од општинскиот буџет се издвоени 300.000 денари токму за оваа намена и според потребите парите се користат доколку тие се оштетат и воопшто за нивно одржување, велат од локалната самоуправа.

Реакции и од дел од борците од Струга дека Споменикот на Револуцијата во центарот на градот се наоѓа во лоша состојба.


–    Сакаме да ја запознаеме пошироката македонска јавност со негрижата на надлежните државни и локални органи и институции и ужасната состојба во која се наоѓа Споменикот на Револуцијата во Струга, кој се наоѓа под прозорите на кабинетот на градоначалникот Рамиз Мерко, велат тие.

Додаваат дека при одбележувањето на празникот 11 октомври,  оние кои го посетиле затекнале глетка која наликува на се друго само не на простор на спомен-обележје каде треба да се положи свежо цвеќе во чест и слава на загинатите борци и невини жртви.

Од струшката локална самоуправа информираат дека од нивна страна се преземаат активности за одржување на дел од спомен обележјата кои се под нивна надлежност.

–    Конкретно за Споменикот на револуцијата надлежни се од Сојузот на борци во Струга, кои согласно програмата добиваат средства за одржување и реконструкција на спомениците нод НОБ, велат од Локалната самоуправа во Струга.

Т. К.