Учениците од ООМУ „Методи Патче“ – Охрид продолжуваат да нижат успеси. Борјан Николоски се закити со прва, а Ана Кузманоска со втора награда на четвртото издание на Меѓународниот натпревар по пијано во организација на Музичкото училиште Тиват.

Учениците од класата на проф. Ана Ѓорѓиоска покажаа извонредна техничка умешност и музичка чувствителност, што беше препознаено и од страна на стручната комисија.

Овие успеси се уште еден показател дека потребно е да се помине исклучително долг пат на кој освен талент, треба упорност, љубов, поддршка од зад сцената, знаење, самодоверба и храброст. Со сето ова, резултатот не може да биде незадоволителен, бидејќи не е претставен со поени, туку со самите квалитети споменати претходно, велат од училиштето.

Воедно, посочуваат дека огромна е честа што за уметничките достигнувања на овогодинешните млади учесници, одлучуваше реномирано меѓународно жири, составено од истакнати педагози, пијанисти и музички творци: Олга Борзенко, Лидија Молчанова, Драгомир Братиќ, Иванка Кордиќ.

Нивното присуство на овој натпревар му дава дополнително значење и гарантира највисоко ниво на професионално оценување, додаваат.

Инаку, на четвртото издание на Меѓународниот натпревар по пијано, кој веќе се наметна на регионалната мапа на уметнички натпревари, учествуваа 156 натпреварувачи од Црна Гора, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија и Украина.

OhridNews