Вчера наутро река народ се слеваше кон православните храмови во Охрид. Централната богослужба и света архиерејска златоустова литургија се оддржа во црквата Св. Ѓорѓи во Горна влашка маала.
Верниците кои ги постеа Божикните пости ја примија светата причест, си го честитаа празникот, палеа свеќи и се помолија за здравје, мир и среќа.
„Рожеството Христово е еден од највеселите празници во христијанството. Луѓето се сплотуваат, блиските се собираат и го слават раѓањето на синот единец на Бога.“ – велат верниците.
Божик е семеен празник, а на овој ден традиционално семејствата се собираат на празничен ручек. Некои охридски семејства, за овој ден припремаат охридски чомлек.
традиционален охридски чомлек
На Рожеството Христово му претходеше Бадник, кога трпезата е секогаш посна, но исклучително богата со посна сарма, грав, компир, риба, зелник и овојшје.
посна бадникова трпеза
Според преданијата, пред да започнат домашните да вечераат, домаќинот го отворал прозорецот и го поканувал Дедо Боже на вечера со зборовите: “Повели Дедо Боже да вечераме”.
OhridNews