По повод празникот Рожденство Христово, Божиќ, Поглаварот на Македонската
православна црква г.г. Стефан, упати  честитка до верниците, свештенослужителите и монаштвото. 

– Возљубени празникољупци, еве, по милоста Божја, и годинава дочекавме
да и се радуваме на спасоносната вистина, на денот во кој Бог слезе на
земјата, а човекот се издигна на небесата. Се радуваме зашто се исполни
превечната тајна, се остварија пророштвата, се овистинија надежите и ветувањата,
започна евангелската историја – се откри Новиот Завет.

Се радуваме зашто човечката природа се исцели и излечи преку неискажливото
воплотување на Бога во човечко тело. Ете, со тој настан живееме во обновен
живот, живееме во Царството на благодатта, живееме во осветено и озарено време,
исполнето со вечната Светлина. Најголема придобивка од настанот во онаа
таинствена витлеемска ноќ е тоа што оттогаш Бог е со нас, објавувајќи го
почетокот на нашето спасение.

Бог, постанувајќи Богочовек, ни ја откри сета тајна за Себе и сета тајна за
човекот. Со тоа и човекот постана голема и света тајна, постана икона – лик
Божји во овој свет. Бог постана човек, за човекот да го исполни со божествена
сила и да му подари сè што му е потребно за живот и побожност. Во тајната на
воплотувањето се откри сета тајна на љубовта Божја, која дојде во светот и ги
донесе мирот и добрата волја. Така, тајната на Рождеството е прославување на
љубовта Божја. Пред таа тајна, возљубени, да се поклониме и ние и да
учествуваме во радоста дарувана за сите времиња.

Честит Божик! Христос се роди! Честито и од Бога благословено Новото Лето! –
се вели во Божиќната порака на поглаварот на Македонската православна црква
г.г. Стефан.

По повод Божиќ утрово во сите парохиски цркви
во Охрид, освен на Плаошник, ќе се служи празнична литургија со почеток во 8.45
часот. Централната богослужба е во црквата Св. Никола Геракомија.

OhridNews