СДСМ и Георгиески немаат ниту визија за Охрид, ниту нешто реализираа од ветените проекти за да бараат нов мандат на следните избори, смета опозициската ВМРО ДПМНЕ.

Ни трага ни глас од раздолжувањето на општината, враќање на долгот и одблокирање на сметката. Со четири улици од кои две недовршени, на трета асфалтот се крена, а на четвртата цела сигнализација за пет дена избледи не се добива втор мандат за градоначалник. – изјави портпаролот на ОК ВМРО ДПМНЕ Перчо Божиноски.

На прес конференција што се одржа само ден по официјализирањето на кандидатурата на Кирил Пецаков за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ и два дена по потврдата на СДСМ дека негов кандидат на претстојните локални избори ќе биде актуелниот градоначалник Константин Георгиески, Божиноски во предизборен стил упати серија забелешки на работата на актуелното општинско раководство за водењето на градот.

Не се отвори ниту една фабрика, нема катни гаражи, кејот и новото пристаниште ги нема ни на повидок, водовод и канализација за руралните средини нема, центарот на градот стана панаѓур, насекаде ѓубре и депонии, плоштадот кај чинарот не доби нов лик, нема нов здравствен дом, уништено образование и никаква детска заштита, лоши услови за спорт и рекреација, разочарани млади, плажите изорани и разрушени сред туристичка сезона, хаос во сообраќајниот режим, уништени детски игралишта, исечени и асфалтирани дрва, нехуман третман на бездомните животни, и уште многу работи и ветувања од кои ништо не е реализирано. – рече Божиноски.

Портпаролот на ОК ВМРО ДПМНЕ го критикуваше градоначалникот и за односот кон заштитеното природно и културно наследство и начинот на кој тој се справува со проблемот со дивоградбите, посочувајќи дека е време за нова енергија во Охрид и нов млад, перспективен и амбициозен градоначалник.

OhridNews