Ветуваните подобри услови во образованието и новите инвестиции беа само предизборна измама на СДСМ, тие воопшто не се наоѓаат на листата на приоритети, рече на денешнта прес конференција што се одржа пред универзитетот Св. Апостол Павле, Перчо Божиновски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид. Тој додаде дека студентите биле изманипулирани, а најголемиот број ветувања ги добиле од охридските пратеници од СДСМ.
– Со Ребалансот на буџетот се кратат средства за изградба на основни и средни училишта, спортски сали, реконструкција на студентски домови. Во секторот високо образование за Охрид, односно за Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ се кратат половина од предвидените финансиски средства за капитални расходи и инвестиции. Каде се реформите на Министерството за образование и наука и се воведува ли во прашање фукционирањето на овој Универзитет со сите негови факултети? Претходно, Универзитетот објави конкурс за факултети за коишто нема акредитација, па студентите мораа да се префрлуваат на други насоки, рече Божиновски.
Тој упати прашање до директорот на Филмската академија Охрид-дали професорите веќе неколку месеци не добиваат финансиски надомест, додека студентите се оставени без настава, а нивните дипломи се под знак прашање?
– Во прва година на Академијата за филм, која работи по стандардите на ФАМУ во Прага, оваа учебна година немаше уписи. Се укинува ли Академијата за филм, а Охрид нема да прерасне во град на филмот? Хаосот во воспитно-образовниот процес предизвикан од СДСМ на централно и на локално ниво никако да запре. Градоначалникот Стојаноски не реализира ниту еден проект во сферата на образованието. Еден месец учениците немаа бесплатен училишен превоз, а веќе трет месец учениците од руралните средини се оставени без квалитетен и навремен превоз, рече Божиновски.
OhridNews












