СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески дозволија да не се почитува мораториумот, обвини на денешната прес конференција портпаролот на општинската ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.
Дали за СДСМ и градоначалникот Георгиески постои владеење на правото и почитување на законите? Има ли уште градоначалникот Георгиески неисплатени фактури од изборниот инженеринг кон неговиот коалиционен партнер? Уште колку време ќе трпат охриѓани за неговата условена победа? Крајот на септември се ближи кога ќе треба власта во Париз пред претставниците на УНЕСКО да објасни што е преземено досега. Крајно време е Георгиески да се прибере во сопствениот град, да не се крие и да не го избегнува најголемиот проблем со дивоградбите, рече Божиновски.
Божиновски побара одговор на прашањето која била причината што запрело рушењето на дивоградбата на „Марко Нестороски“.
Локалната власт прави фарса од уривањето и спречувањето изградба на нови дивоградби со тоа што за неа се незабележливи дивоградбите во заштитеното подрачје. Доколку Георгиески е уценет и нема сила да се справи со овој проблем, доблесно е да им каже и признае на охриѓани и веднаш да се повлече од функцијата градоначалник на Охрид, рече Божиновски.












