За СДСМ и министерот Роберт Алаѓозовски не се важни граѓаните и во кои рамки ќе се движи културниот живот во Охрид. Тие не сакаат Охрид и охриѓани, како и сите граѓани на Македонија и бројните странски посетители да го спознаат бисерот на културата преку бројните афирмирани културни манифестации, рече на денешната прес конференција Перчо Божиновски, портпарол и шеф на Центар за комуникаци на ВМРО-ДПМНЕ ОК ОХРИД.

– Во Годишната програма за култура за 2018 година, на Националната установа фестивал „Охридско лето“ од Министерството за култура и се доделени 23 милиони денари, наместо предвидените 53 милиони денари. Министерството јавно и транспарентно да објави како ги доделило понижувачките средства, по кои критериуми и според кои пресметки? Скандалозен е нискиот буџет и пристапот со кој што Министерството дава до знаење дека историјата на Охридско лето не е важна и не е вредна за внимание. Дали вака доаѓа живот за Охрид и охриѓани во сферата култура? Охридско лето врз основа на годишната програма претрпува културен геноцид, изјави Божиновски.

Тој додаде дека Националната библиотека „Григор Прличев“ во Охрид добила десет пати помалку средства, или 140 000 денари, кои ќе бидат наменети за набавка на ПП апарати.

– Каде е тука новиот дел на Библиотеката, крилото што започна да се обновува во времето на ВМРО-ДПМНЕ кое стои празно и неопремено и чека за да се доврши? За културната деградација да биде поголема, јубилејното 30–то издание на Поетската ноќ во Велестово не е поддржано од Министерството за култура, а Поетската ноќ во Велестово е втората најстара книжевна манифестација во Македонија. И покрај најавите за првпат по многу години Охрид за жал нема да добие нов модерен Театар каде културните и уметничките настани ќе може да се следат во современи услови по сите светски стандарди, вели Божиновски.

Според општинската ВМРО ДПМНЕ, сите овие пропусти доведуваат и поставуваат низа прашања во врска со критериумите, вредностите и начинот на поддршка на културните манифестации во Охрид и Република Македонија.

OhridNews