Шефот на центарот за комуникации на општинската ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски, денес упати нови обвинувања до градоначалникот дека продолжува брутално да ја партизира општинската администрација во Охрид.
- Во обид малку да го намали тонењето на СДСМ во Охрид прави огромна штета на општина Охрид вработувајќи лица со сомнителен капацитет и потенцијал. Дали на огласите Георгиески ќе унапреди лице осудено со правосилна судска пресуда по сопствено признание за злоупотреба на службена положба и лице кое беше опфатено со предметот Јагула? Точно ли е дека ќе се најде место и за неколку истакнати партиски членови и активисти на СДСМ? Дали следува и наградата за ДУИ и ВМРО-НП заради поддршката при неодамнешниот избор на командир на ПС Охрид?, праша Божиновски.
Тој упати прашање до градоначалникот-Дали е точно дека преку секретарот врши притисок врз вработен во општина Охрид да се откаже од огласот за раководно место во општинската администрација само поради тоа што не поминувал во партиската евиденција на СДСМ?
- Вистина ли е дека се врши притисок врз раководителот на одделението за човечки ресурси и останатите членови на комисијата за вработување на претстојното интервју да му дадат 0 поени за да не помине на интервјуто? Дали за најмалку три позиции се местат поените на интервјуто како би можеле кадрите на СДСМ да бидат избрани иако серизно заостануваат на ранкинг листите? ВМРО-ДПМНЕ има детални информации за сè што прави и се обидува да прави Георгиески, рече Божиновски.
Од општинската ВМРО ДПМНЕ потенцираат дека будно ги следат сите случувања и порачуваат дека секоја индикација за корупција детално ќе биде проверена, а воедно граѓаните ги повикуваат да продолжат да доставуваат информации.
OhridNews












