Помина една година од ветувањата за живот во Охрид. Една година од владеењето на СДСМ и градоначалникот Стојаноски, година која може да се одбележи како една од најслабите во историјата на градот Охрид во делот на изградба на инфраструктурни објекти, рече на денешната прес конференција Перчо Божиновски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

  • Охрид тапка во место една година со заспаната администрација и никаква активност на Јавните претпријатија. Ветените проекти беа само предизборна измама за охриѓани. Оваа Локална власт на сметка на проектите и решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, свесно дозволи средствата за таа намена да бидат извршени од доверителите без претходно потпишани договори, рече Божиновски.

Како што додаде, не е постигнат развој, не е реализиран ниту еден проект, но затоа има партиски превработувања.

Граѓаните се сведоци на хаосот во сообраќајниот режим, хаосот со рапмите и нефункционално паркинг решение наместо катни гаражи, преполни контејнери, ѓубре по улиците и нови депонии наместо ветената фабрика за отпад, а бројот на кучиња скитници е поголем од кога било претходно. Наместо модерен туризам, панаѓур за време на туристичката сезона. Попмезно најавуваниот проект за гасификација нема да дочека своја светлина како што нема да се случи санација и доизградба на колекторскиот систем. Ветувавте чесност, посветеност, транспарентност, а за првпат нема снимања на седниците на Советот, рече Божиновски.

Божиновски вели дека градоначалникот во отчетот за првите 100 дена власт се пофалил со проекти изработени и скоро во целост реализирани од претходната Локална власт. Како причина за одложувањето на давање отчет по измината една година, Божиновски ја гледа во тоа што не е реализиран ниту еден проект.

Не само што нема повеќе пари за граѓаните, напротив, има појава на масовно осиромашување на граѓаните преку покачување на цените на водата, паркингот, нема обештетување за штетите од земјотресите, назначување на членови на управни и надзорни одбори спротивно на законот, партиски реваншизам, цвета бизнисот на урбаната мафија, со непрофесионалното регулирање на нивото на водата предизвикани штети со поплавите и наместо заштита на Студенчишкото блато негово незачувување. Каде се ветените градинки и детските игралишта? Што се случи со изградба на четирите училишни спортски сали? Ги оставивте учениците без бесплатен превоз, а учебниците никако да стигнат, рече Божиновски.

Меѓу нереализираните а ветени проекти портпаролот на ОК на ВМРО ДПМНЕ ги наведе и проектот за Младински културен центар, Покриен базен и обновен Дом на пензионери, автопат Кичево-Охрид, нова болница кај Свети Еразмо, нов Центар за култура и Конгресен центар.

OhridNews