Браќата Јован и Климе Лотески станаа сопственици на бродот „Македонија“, дознава OhridNews.

Лотески бродот „Македонија“ го купија на лицитација и најавија дека многу брзо ќе му го вратат стариот сјај на еден од најубавите бродови на Охридското Езеро.

Бродот „Македонија“ инаку е изграден во 1937 година во Смедерево, сегашна Србија. Најпрвин се викал „Крал Петар“, учествувал во Втората светска војна, кога хроничарите забележале дека и бил потопен некаде во близина на Горица. По војната бил поправен и го добил името „Скопје“, а од осамостојувањето на Македонија го носи денешното име.

Бродот смени повеќе сопственици, а последен беше охридско ЕМО. Години наназад стоеше закотвен кај градското пристаниште и беше вон употреба. Новите сопственици велат дека бродот „Македонија“ сега е во вистински раце и наскоро ќе започнат со негова реконструкција по што тој повторно ќе заплови во Охридското Езеро.

OhridNews