Охридските средношколци Бранка Бунташеска и Никола Таштаноски со својот проект за заштита на животната средина и користење на обновливи извори на енергија, го освоија четвртото место во научниот дел на Интернационалната средношколска олимпијада ,,GENIUS 2012”  која од 24-ти до 29-ти  јуни се одржуваше во Њујорк, САД. Оваа награда на младите научници ќе им овозможи стипендија од 16.000 долари годишно, доколку одлучат да студираат на Државниот универзитет ,,OSWEGO” , кој беше организатор на оваа олимпијада.


Талентот на шеснаесетгодишните ученици, за кои неодамна пишуваше OhridNews, го препозна и компанијата ЕЛЕМ (Електрани на Македонија), која го финансираше нивниот авионски превоз до Њујорк со што  им помогна да го реализираат својот сон и да се натпреваруваат со најдобрите ученици од светот, во конкуренција од 248 проекти.


Бранка и Никола, кои пред два дена се вратија од САД не можат да го сокријат своето задоволство од постигнатиот успех.

-Сите проекти заедно беа поставени во сала за презентирање и секој проект беше презентиран на самиот штанд. Конкуренцијата беше навистина голема. Нашиот проект го оценуваа осум судии, кои работат во областа која ја обработува и самиот проект. Имавме 15 минути за презентација пред секој судија, што значи дека целата презентацијата за оценување траеше околу 4 часа. Судиите беа многу строги во оценувањето, дури дел од нив поставуваа детални прашања и навлегуваа во самата материја. Но според нас нивната цел беше да заклучат дали проектот го имаме работено сами. Максимум можеа да се освојат 30 поени во пет категории. Во организација на постер, усна презентација, креативност, научност и користена литература, го раскажуваат своето искуство Никола и Бранка.


Тие нагласуваат дека учеството и наградата на оваа меѓународната олимпијада ќе значи многу во нивното понатамошно школување.

– Од она што го видовме таму добивме нови идеи и научивме како треба да размислуваме, зошто имаше проекти кои беа изработени навистина професионално. Не ни е жал што вложиме дури 4 месеци за  истражувања и подготовки на нашиот проект, бидејќи трудот ни се исплати, потенцираа младите научници.

Со нивниот проект кој беше од областа на енергетиката тие со помош на  титаниум диоксид добиен во лабораторија и сок од овошје, успеаа да изработат еден вид соларна клетка на електро-продуктивно стакло.

Инаку Таштаноски и Бунташеска кои моментално се стипендисти на Приватното средно училиште ,,Јахја Кемал” од Струга, во основно училиште направија научен проект за пастрмката, кој стана дел од меѓународен научен труд.

Е.М