Стружаните Велко и Никола Маркоски го сочинуваат третиот братски тандем по Кирил и Филип Лазаров и Наумче и Златко Мојсовски во македонската ракометна репрезентација. Братските тандеми според постариот од браќата Маркоски, Велко треба да ја зајакне и зближи селекцијата.

– По доаѓањето на Никола во селекцијата добив уште еден другар, а секако дека во моите очи тој секогаш ќе биде мој брат. Одговорноста секако дека е поголема, но и тој самиот е свесен што значи селекцијата и да ја браниш честа на својата држава. Братските тандеми треба уште повеќе да ја зближат селекцијата бидејќи нема потреба од дополнително запознавање – рече Велко.

Помалиот Никола со крупни чекори тргна по стапките од неговиот брат. Тој од Вардар се пресели во Металург, а тогаш следуваше и повикот во А селекцијата.

– Секогаш ги слушам неговите совети. Тој е далеку поискусен и затоа вреди да се слуша. Во него добивам доверба и секогаш заедно после секој натпревар ја коментираме нашата игра – додаде Никола.

Тоа што Велко и Никола Маркоски се врвни спортисти не е случајно бидејќи нивниот татко бил врвен фудбалер бранејќи ги боите на скоро сите македонски клубови.

– Спортот ни е од мали нозе приоритет број еден во нашиот дом. Нема дома собир,а да не се спомене спортот и да се коментира околу него. Желбата за спортот ни ја разбуди нашиот татко, но тој „навиваше“ за фудбал, а не за ракомет – завршија Велко и Никола.

Фото : Емилио

Мх.П.