Комитетот за туризам при Владата на Република Македонија, вчера доцна попладне на својот втор состанок на кој се разгледуваше реализацијата на мерките за развојот и промоцијата на туризмот во државата, ја разгледа ревидираната Национална стратегија за развој на туризмот 2009-2013, со осврт на реализација на мерките од акцискиот оперативен план.

Притоа, донесени се заклучоците за почеток со реализација на повеќе мерки, меѓу кои и креирање на систем за прибирање податоци од туристичка дејност, брендирање на македонскиот туризам и негова заштита на национално ниво, и проектот за СМС пораки за „добредојде“ при влез во Македонија со препорака за посета на некои интересни туристички знаменитости или дестинации.

На состанокот, исто така, беше укажано дека Министерството за транспорт и врски, во соработка со општините, треба во најбрз можен рок да изнајдат што повеќе локации кои би се намениле за изградба на хотели и сместувачки капацитети и би се понудиле на продажба.

Комитетот заклучи дека економските промотори на Република Македонија во странство, во следните 12 месеци треба да остварат најмалку 270 контакти со странски туристички оператори кои ќе ја нудат Македонија како туристичка дестинација во нивните понуди, од кои што се очекува најмалку 70 контакти да имаат резултат со реализација на туристички ангажман од странство во нашата земја.

Во дело на активностите што спаѓаат под Министерството за економија, беше заклучено овој ресор  да ги унапреди критериумите во Правилникот за категоризација на сместувачките капацитети, согласно европските стандарди со што би се подобрил квалитетот на  туристичка понуда и сместувањето на гостите, а исто така, министерството треба да изработи и специјален Правилник за сместување во авто-камповите.

Ohridnews
извор:„Макфакс“