Британските и германските власти го осудија упадот на приврзаниците на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп во зградата на Конгресот.

Британскиот премиер Борис Џонсон ги оквалификува како „срамни сцени“ во Вашингтон по упадот на приврзаниците на Трамп во Конгресот и повика на мирно и уредно предавање на функцијата на новиот претседател Џозеф Бајден.

Срамни сцени во американскиот Конгрес. САД се бранители на демократијата низ целиот свет и сега е од витално значење трансферот на власта да се одвива мирно и уредено, објави Џонсон на Твитер.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ги повика приврзаниците на Трамп „да престанат да ја газат демократијата“.

Трамп и неговите приврзаници на крајот треба да ја прифатат одлуката на американските гласачи и да престанат да ја газат демократијата, објави Мас на Твитер и додаде дека „запалливите зборови се претвораат во насилна акција“.

Канадскиот премиер Џастин Трудо го осуди упадот и нагласи дека е загрижен за ситуацијата во Вашингтон и дека Владата очекува се да заврши мирно во САД.

Мекарти: Потребна е помош
Лидерот на малцинството во Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти (републиканец од Калифорнија) во телефонско интервју во живо за Си-Би-Ес Њуз изјави дека „е потребна помош“ како одговор на упадот на приврзаници на Трамп на Капитол кои се против заверување на гласовите од Изборниот колеџ.

Мислам за безбедноста на другите, мислам дека е потребна помош. Ајде да го ставиме ова под контрола, изјави Мекарти.

Сенаторите, членовите на Претставничкиот дом и репортерите се евакуирани на непознати локации. Потпретседателот Мајк Пенс, кој го надгледуваше сертифицирањето на гласовите на Изборниот колеџ, беше евакуиран од Сенатот околу 14 часот по локално време.

Спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, исто така е евакуирана на безбедна локација. Демонстрантите претходнои упаднаа и во нејзината канцеларија.

Најмалку пет огнени оружја беа пронајдени при немирите и приближно 13 лица беа уапсени, соопшти полицијата. Сите уапсени беа од други американски држави, меѓу кои и три лица од Мериленд.

ФБИ влезе во зградата на Конгресот на САД, демонстрантите сеуште на улиците
Агенти наФедералното биро за истраги (ФБИ) влегоа во Конгресот на САД, откако демонстрантите кои денеска упаднаа во законодавниот дом ја напуштија зградата, по видео обраќањето на претседателот Доналд Трамп.

Но, иако тој ги повика да заминат дома, толпата се уште е пред Конгресот, а се забележуваат и групи по централното подрачје на Вашингтон.

Во меѓувреме за помалку од еден час (во 18:00 локално време), започнува полициски час воведен претходно од градоначалникот Мјуриел Баузер. Таа претходно ја повика и Националната гарда во помош да се воспостави поредок во градот.

Њујорк тајмс јави дека армијата веќе ја активирала целата национална гарда задолжена за округот Колумбија, каде се стационирани 1.100 војници. Тие се веќе во градот и се распоредуваат на неколку локации околу Вашингтон.

Си-ен-ен пренесува дека безбедносните служби досега откриле три експлозивни направи на неколку локации во Вашингтон. Не се знае дали направите се вистински или лажни, но се третираат како закана. Една била најдена во комплексот згради на Капитол хил. Претходно е јавено за поставена бомба во штабот на Републиканскиот национален комитет (РНЦ), а друга сомнителна пратка се појавила и во просториите на Демократскиот национален комитет (ДНЦ).

OhridNews