Со бројни содржини ќе се одржи годинешната „Научна и уметничка визита 2019“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите, во просториите на Куќата на Уранија-МАНУ.

На стартот на престојниот викенд, во петок, навечер, од 20 часот, ќе биде претставен поетскиот портрет на Мајо Даниловиќ, од Белград, Србија. Даниловиќ е еден од најплодните современи автори на балканскиот простор, член на Светската Академија за поезија при УНЕСКО, воедно и претседател на Одделот за словенскиот свет. За неговото поетско дело ќе говори академик Катица Ќулафкова.

На стартот од новата седмица, понеделник, 12 август, од 20 часот, ќе се одржи предавање од Трифче Сандев, насловено “Шест степени одвоеност: мит или светот е навистина мал”?

На 13 август во 20 часот, предавање ќе одржи Александар Дединец на тема: ”Енергетската политика во Македонија во функција на остварување на одржливиот развој”. На 13 август, предавање ќе има и акад. Љупчо Коцарев, на тема: Разумната неефективност на математиката”

На 20 август, следи промоција на делото “Поети и раскажувачи академици. Антгологија на поети и раскажувачи на Академија на науките и уметностите на Косово” (издание на Македонската академија на науките и уметностите), и “Поети академици. Антологија на поети членови на Македонската академија на науките и уметностите” (издание на Академијата на науките и уметностите на Косово).

Научната и уметничка визита – Охрид 2019, завршува на 20 август, со промоција на делото “Улогата на фискалната и на монетарната политика во стабилизацијата на економиите” од академик Таки Фити, претседател на МАНУ. Промотор ќе биде професор д-р Владимир Филиповски.

OhridNews